Македонскиот интернационалец Александар Стојаноски, кој во оваа сезона го има првиот интернационален предизвик, продолжува да брани во одлична форма во шампионатот на БиХ и по пет одиграни натпревари има вкупно 78 интервенции, односно во просек по 15,6 на натпревар.
Стојаноски со Искра Бугојно во натпревар од 5. коло од босанскиот шампионат беа подобри од составот на Босна Високо со 31:29. Голема заслуга за победата имаше македонскиот голман кој беше фантастичен на голот на домаќините.
Македонецот во дуелот против Босна Високо имаше 16 интервенции, а дел од нив беа во клучните моменти кога се кршеше резултат. Во претходното коло, против тамошниот вицепрвак Слобода Тузла, Стојаноски имаше 15 одбранети удари.
Искра Бугујно по пет одиграни кола се наоѓа на 5. позиција на табелата со биланс од три победи, едно реми и еден пораз. Тимот на Стојаноски во следното, 6. коло, ќе гостува кај незгодниот состав на Леотар во Требиње.