Селекторот на машката кадетска репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, го скрати списокот пред последната фаза од подготовките за ЕХФ шампионат во Летонија.
Тој ќе смета на 20 ракометари што ќе ги минат последните подготовки и ќе настапат на две средби од пријателски карактер со јужниот сосед на Македонија во Маврово. Натпреварите ќе се играат на 28 и 29 јули, па стручниот штаб ќе одлучи колку ракометари ќе патуваат за Рига.
Од 20 ракометари што се на списокот, двајца се интернационалци – голманот Давид Брестовац од германскиот Котбус и средниот бек Мирче Калајџиески од словенечкиот Слован Љубљана.
Дури 15 ракометари од списокот настапуваа на ЕХФ шампионатот за младинци во Варна во источниот сосед на Македонија, па веќе се во натпреварувачка форма. Новите пет ракометари што им се придружија се левото крило Дамјан Субашевски, левите бекови Антонио Николоски и Стефан Милков, средниот бек Мирче Калајџиоски, како и десниот бек Давид Иванов.
Македонија во Рига е во група со домаќинот Летонија, Турција и Косово, а во другата група ќе играат Белгија, Швајцарија и Луксембург. ЕХФ шампионатот стартува на 8, а ќе се игра до 14 август.