Машката кадетска репрезентација на Македонија оствари историски пласман на Светското првенство во Хрватска. Завршивме на деветтото место по триумфот над Чешка со 28-22.
Претходно пред македонските налети паднаа селекциите на Австрија, Унгарија, Грузија и Црна Гора, а можеме да жалиме за незаслужениот пораз од Норвешка во првото коло.
Селекторот Раде Стојановиќ вели дека малку фалеше да бидеме во ТОП 4.
„Македонската кадетска репрезентација го освои 9 место на ова Светско првенство со скор од 5 победи и 2 порази, да напоменеме игравме само со европски екипи, пласман кој ќе биде забележан во ракометната репрезентативна историја на Македонија. Успехот е уште поголем знаеме дека на два дена пред првенството останавме без класичен левак, во тек на првенството се повреди и Дамјан Митев, кој за своите години покажа голема зрелост и во игра и професионален пристап. Сонувавме, трениравме и верувавме дека секоја победа не води кон успех“, вели Стојановиќ.
Тој веќе четврта година ги води овие ракометари и многу добро ги познава.
„Оваа генерација ја водам веќе четврта година, селектирана како пионери пред Ковидот, јас и моите соработници веруваме во играчите и верувавме дека лимитот ќе го поместуваме со секоја победа“, продолжува Стојановиќ.
На поширокиот список на Стојановиќ има и други ракометари што би можеле да добијат шанса во иднина.
„Играчите со текот на овие четири годините природно се селектираа. Дисциплината, фокусот и тренингот се клучни во ракометот и општо во спортот. Најдисциплинираните, најфокусираните и најспремните се секогаш добредојдени во репрезентација. Дисциплината и фокусот на играчите е клучот за успех. Голема благодарност до моите соработници Бранко и Наум, до играчите кои веќе напоменав неколку пати дека се златната генерација на Македонија“, заврши Стојановиќ во изјавата за 24Ракомет.
Следен предизвик за Стојановиќ, неговиот стручен штаб и ракометарите ќе биде настапот на Европското првенство за младинци во Словенија следното лето.