Стојановиќ објави список со еден новитет, кадетите на контроли со Хрватска

Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, го објави списокот на ракометари пред новиот собир во ЕХФ неделата.

На списокот на Стојановиќ се најдоа 22 ракометари, меѓу кои има само едно ново име, а станува збор за Борјан Дамјаноски.

Тој е лев бек, а настапува за австрискиот Грац. Меѓу повиканите се уште двајца интернационалци – Мирче Калајџиоски од словенечкиот ХЕРЦ Шмартно и Давид Брестовац од германскиот Котбус.

Во рамките на оваа ЕХФ недела, кадетите ќе одиграат два контролни натпревари со селекцијата на Хрватска на гостински терен на 27 и 28 април од 18:00 часот. Двата меча се дел од подготовките за СП во Хрватска во август.

Собирот на репрезентативците ќе биде на 24 април од 16:00 часот.