Екипата на Вардар повеќе не е на нивото кое го имаше во последните сезони, а заминувањето на неколку ракометари го вклучи алармот. Ситуацијата е таква што веќе мора да се размислува како ќе се доврши сезоната.
Стојанче Стоилов кој е капитен на тимот и кој ги предводеше колегите во сите успеси во последните неколку години е реален и вели дека во моментов е неизвесно и што ќе се случува во битката за трофеите на домашен терен.
„Треба да почнеме да размислуваме за она што ќе се случува и во домашното првенство бидејќи во моментов во прашање е и шампионската титула во Македонија. Ќе биде многу тешко да успееме да ја одбраниме. Сезоната е долга и има уште многу натпревари кои се играат. Ростерот е лимитиран, но ќе се бориме и ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, изјави Стоилов.
Плеј-оф лигата во Супер машката лига почнува на крајот на март така што нема да има многу време за поправање на работите. Сосема извесно е дека Вардар ќе има голема конкуренција во другите тимови така што ова може да биде една од понеизвесните сезони.