Екипата на Еурофарм Пелистер веќе тргна со подготовките за пролетниот дел од сезоната и се работи на кревањето на формата за продолжението од шампионатот. Се работи максимално, па сите ракометари се во добро расположение.
Иако се очекуваше Мандалиниќ да биде дел од составот на Хрватска на Мундијалот, Червар не го вклучи во тимот, па тој може да биде со своите колеги во Битола.
Од неговата форма секако ќе зависи и играта која што ќе ја прикажува составот на Еурофарм Пелистер во продолжението од сезоната така што важно е да се одработи максимално.
Мандалиниќ пред неколку дена ја искористи опцијата за продолжување на соработката со тимот од Битола, а голем удел во тоа имале неколку работи кои самиот ги објаснува.
„Првите шест месеци во Битола за мене беа едно убаво искуство. Немавме многу натпревари, не можевме добро да влеземе во форма, но во екипата гледам многу потенцијал и добро работиме и тренираме. Мојот впечаток за овие шест месеци е многу позитивен. Градот е мал, но има душа. Живее за спортот, посебно за ракометот. Тука е одлично за моето семејство, во овој град се пронајдов, среќен сум во Битола и така ја договоривме соработката за следната сезона. Клубот се стреми за големи цели, почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Откако размислив и се консултирав одлучив да ја продолжам соработката“, вели Мандалиниќ.
За него не претставува воопшто проблем тоа што во пролетниот дел од сезоната ќе биде многу напорно. Ќе се играат неколку натпревари во кратко време бидејќи следува битка на четири различни натпреварувања.
„Во вториот дел од сезоната натпреварите се збиени. Ќе има многу средби во краток период, но не ме плаши тоа воопшто бидејќи играв во Бундеслигата каде што се играат три натпревари неделно. Треба многу да се работи и да бидам искрен го гледам тимот многу високо. Како ќе оди текот на сезоната ќе видиме, но одиме натпревар по натпревар“.
И тој како и многумина го дели мислењето дека фановите се потребни на трибините и дека многу недостигаат најверните приврзаници на Пелистер.
„За навивачите на Пелистер сум слушал од многумина, гледав и неколку натпревари на интернет, минатата сезона против Веспрем и Мешков Брест, и тоа е навистина атмосфера која дава ветер во грб и тоа во моменти кога треба да го прекршите натпреварот. Секому му недостигаат, но нам посебно. Публика со таков ентузијазам посебно ќе ни недостига на големите натпревари. Меѓутоа, ние може да им ветиме и ним и на граѓаните на Битола дека на секој натпревар ќе го дадеме максимумот“, коментира интернационалецот од Хрватска во редовите на Еурофарм Пелистер.
Тимот од Битола својот следен натпревар од СЕХА лигата го има на 6 февруари против Загреб на негов терен, додека три дена подоцна битолчани гостуваат кај Татабања во Лигата на Европа.