Екс ракометарот на Вардар, Стефан Терзиќ, кој во редовите на „црвено-црните“ пристигна во сезона 2013/14 како европски првак откако со Хамбург ја освои титулата во Лигата на шампионите, во новата сезона ќе има нов предизвик.
28-годишниот десен бек одлучи да го напушти словенечкиот шампион, Целје, и својата кариера ќе ја продолжи во чешкиот шампионат, поточно во екипата на Плзен.
Ракометарот од Србија една полусезона настапуваше за Плзен, но не се снајде најдобро. Сепак, добрата понуда од раководството на чешкиот вицешампион беше причина Терзиќ по вторпат да заигра за екипата на Плзен, во која ќе настапува и македонскиот интернационалец, Никола Костески.
Терзиќ откако си замина од Вардар смени неколку екипи. Играше за Натурхаус Ла Риоха (Шпанија), Бенфика (Португалија), Потаиса Турда (Романија), Талент Плзен (Чешка), Рамат Хашарон (Израел), а последната сезона ја мина во дресот на Целје. Кариерата ја стартуваше во Борац од Бања Лука.