Младиот и надежен кружен напаѓач Стефан Стојчевиќ, и во наредната сезона ќе го носи дресот на Бутел Скопје. Стојчевиќ, кој е младински репрезентативец на Македонија, ќе го сочинува триото на пивот заедно со искусните Кристијан Василевски и Владимир Јевтиќ.
Тој е задоволен што и понатаму ќе ги брани боите на амбициозниот клуб што оваа сезона го оствари најдобриот резултат во историјата и стигна до третото место во Суперлигата веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер.
„Јас сум многу задоволен што имам чест да играм во клуб како што е Бутел Скопје. Овде научив многу од поискусните соиграчи и тие ми пружија максимална поддршка. Не е лесно да се игра во толку амбициозен клуб, шансите кои се добиваат мора да се искористат бидејќи на секој натпревар се оди на победа. Се решив да останам бидејќи сметам дека во овој момент од мојата кариера во Бутел можам да напредувам најмногу и да имам можност за докажување“, изјави Стојчевиќ.
Бутел Скопје со освоеното трето место обезбеди место во квалификациите за Лигата на Европа. Беа обновени договорите со Стојчевиќ и Јевтиќ, а тимот се засили со средниот бек Стефан Крстевски.