Стефан Дoдиќ реши: Во Македонија научив ракомет, но ќе бидам српски репрезентативец

„Вистина е дека ми нудеа македонски пасош, но јас сум Србин и иако се што знам за ракометот научив во Македонија, сепак, во иднина се гледам како српски репрезентативец. Без разлика дали ќе дебитирам сега против Франција или ќе чекам следна шанса, се гледам себе си во овој национален тим и се надевам дека ќе можам да помогнам со мојата игра и присуство."

Стефан Додиќ, бекот на Металург е дел од седумтемина млади ракометари на кои Европската ракометна федерација им предвиде светла иднина и чии развој на кариера внимателно ќе ги следи. Во Македонија постои ракометен бисер што во блиска иднина треба да почне уште повеќе да свети и да покаже дека е подготвен да биде дел од европските и светски ракометни ѕвезди.

Најмладиот стрелец во Лигата на шампионите, играчот, кој сезона е еден од најдобрите поединци на „металурзите“ во Суперлигата, постигна и 13 гола на три средби во Европската лига, доживува серија изненадувања периодов.

„Не очекував вакво нешто, како што не го очекував ниту повикот од А репрезентацијата на Србија. Ова е нешто на што најмалку се надевав. Ова за мене ќе претставува дополнителен мотив да дадам се од себе за да ја оправдам ваквата доверба. И претходно многу работев и се трудев, а сега имам уште поголем поттик. Не чувствувам притисок, напротив послободен сум и на 17 години да се добие ваква шанса и вакво искуство е навистина нешто посебно. Ќе се трудам најмногу што можам да оправдам дека не е залудно тоа што сум меѓу овие седуммина ракометари“, прокоментира за 24ракомет, Стефан Додиќ, кој во моментов е на подготовки со репрезентацијата на Србија.

Неговата ракометна приказна започнува пред нешто повеќе од три години кога одлучува да патува по 200 километри дневно, од Врање (Србија) до Скопје и назад, за да може да создаде ракометна кариера. Се реши за Скопје и полека од младите категории, преку вториот тим стигна и до првата седморка.

„Србин сум, но се одлучив да тренирам и играм ракомет во Македонија затоа што таму ракометот е спорт број еден. Квалитетот е на високо ниво, има тренери од кои може да се научи, силна лига… Вистина е дека жртвував многу, од 14 години секој ден патувавме со брат ми по 200 километри дневно, многу работи пропуштив, но денеска таа жртва ми се исплати. Повикот во А тимот, изборот од ЕХФ… сето тоа е потврда дека сум направил и сè уште правам вистински чекори за мене и мојата кариера“, заклучува младиот бек.

Металург е клубот на кој Додиќ му должи многу. Во меѓувреме повеќе европски клубови сакаа да го донесат, но тој реши да продолжи да игра во Металург дури и во моментите кога во клубот постои мала финансиска криза. Поважно е да се има од кого да се учи и да се напредува отколку да се седи некаде на клупа.

„Растев во Металург низ сите овие години и се уште растам. Сезонава имам соиграчи како Хорват, Канкараш… искусни ракометари од кои може толку многу да се научи и чии совети вреди да се слушаат. Тие го знаат ракометот и навистина е чест и задоволство да се каже дека ми се соиграчи. Со оглед на сите проблеми со коронавирусот и паузите кои ги имавме мислам дека добро минавме полусезонава, а со уште поголеми амбиции ќе го чекаме продолжението на сезоната.“

Додиќ беше меѓу ракометарите за кои се зборуваше дека ќе добие македонски пасош, но нема ништо од тоа, тој е дециден дека ќе биде српски репрезентативец.

„Вистина е дека ми нудеа македонски пасош, но јас сум Србин и иако се што знам за ракометот научив во Македонија, сепак, во иднина се гледам како српски репрезентативец. Без разлика дали ќе дебитирам сега против Франција или ќе чекам следна шанса, се гледам себе си во овој национален тим и се надевам дека ќе можам да помогнам со мојата игра и присуство“, завршува Додиќ.

Тој има договор со тимот од Автокоманда до јуни 2022 година што значи дека уште најмалку 1,5 сезона ќе го гледаме на терените во Македонија.