Македонскиот тренер Аце Станковски го оствари планираниот успех со тимот на Кастриоти на Косово, влезе во борба за титулата, но потоа реши да се врати дома. Поради преголемите обврски кои ги има Станковски во Македонија, реши спогодбено да замине од Урошевац, но го остави клубот на добар пат да се бори за место во европските купови и секако за титулата, иако тоа е мисија што е тешко остварлива.
Со доаѓањето на Станковски на Косово клубот веднаш постигна одлични резултати, лани за малку не влезе меѓу оние што се бореа за титулата и играше во финалето на Купот на Косово. Но сезонава иако немаа најсилен состав, со неколку помалку познати имиња сепак дојдоа до ситуација да бидат во горниот дел од табелата.
Тимот на Станковски во натпревар од 11. коло успеа да освои бод против актуелниот шампион, Беса, откако неизвесниот дуел заврши без победник, 31-31. Тоа беше огромно изненадување во првенството на Косово.
Во составот на Кастриоти играат и Македонците Кристијан Анастасовски и Борис Ристовски. Тие продолжуваат со тимот и во пролетниот дел од сезоната.