СРЦ „Кале“ под лупа на Антикорупциската комисија!

Ракометниот храм СРЦ „Кале“, кој своевремено беше домаќин на многу натпревари, што клупски, што репрезентативни и место на кое Кометал Ѓорче Петров ја освои европската титула, во јули 2019 беше даден на користење на Кошаркарската федерација на Македонија.

Но поради закупот на СРЦ „Кале“ под истрага на Антикорупциската комисија е долгодишниот претседателот на КФМ, Даниел Димевски. Во антикорупциска сметаат дека целото примопредавање во јули минатата година било спротивно на законите и против Димевски е покрената истрага за незаконско постапување.

Тој во моментот на примопредавањето беше надворешен соработник за прашања од областа на спортот на Премиерот Зоран Заев, но се појавува и како управител на правното лице што го „закупи“ СРЦ „Кале“.

„Врз основа на добиени сознанија, ДКСК одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на  надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на Република Македонија, Даниел Димевски, кој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице „Турдолимпик ДОО Скопје“ стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале“ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот“, информираат од Антикорупциска комисија, се вели во текстот на „360 степени“.

СРЦ „Кале“ и беше доделена на КФМ и требаше да биде прв од низата спортски објекти што ќе бидат дадени на располагање на спортските федерации. Но во следниот период ниту една федерација, вклучувајќи ја и ракометната, не доби свој дом како што тоа беше случај со кошаркарската.

Истрагата на Антикорупциска комисија стартува откако е дојдено до сознанија дека Димевски е управител на „Турдолимпик ДОО Скопје“, кој фактички е закупец на СРЦ „Кале“, па сега се поставува прашањето чија е во моментов салата дали на КФМ или на фирмата на Димевски.