Во Македонија има повеќемина странски ракометари кои настапуваат во различни екипи, а секако најмногу има од соседна Србија. Ракометарот на Струга Жарко Барјактаревиќ во интервју за порталот „ikragujevac“ зборуваше на повеќе теми, а една од нив беше и ракометот во Македонија.
Барјактаревиќ истакна задоволство што има прилика да игра во македонскиот ракомет и порача дека за Македонците ракометот е спорт број еден.
„Во Македонија сум веќе втора година и можам да кажам дека како ретко каде ,на Македонците спорт број 1 им а ракометот. Секоја екипа има навивачка група која ги следи на секој натпревар, салите се скоро полни во секој натпревар, во Србија тоа не е случај. Лигата е навистина силна, доволно зборува тоа што во лигата игра Вардар кој е двократен европски шампион. Покрај Вардар тука е учесникот во Лига Европа, Еурофарм Пелистер. Буџетите на екипите се многу поголеми отколку во Србија, поради тоа можат да си дозволат да ангажираат странци“, вели Барјактаревиќ.
Но, Барјактаревиќ смета дека Србија во нешто е подобра во однос на Македонија.
„Условите за тренирање се малку полоши отколку во Србија затоа што поголем дел од салите немаат греење и тоа ја отежнува ситуацијата. Но, место за напредок секогаш има ако спортистот е фокусиран на тоа што го работи“, изјави Барјактаревиќ.
Сезонава Барјактаревиќ со екипата на Струга игра во плеј-аутот каде што во првото коло го победија Скопје.