Годината што помина беше исполнета со многу ракометни натпревари, без разлика дали се работеше за клупско или репрезентативно ниво. За разлика од претходните 2020 и 2021 година, кога многу натпревари беа одложени или откажани, во 2022 клубовите и ракометните фанови се вратија полека во нормала. Сепак на големите натпреварувања се уште има некакви ограничувања, но најважно е што тоа не важи за гледачите во салите.
Годината стандардно ни започна со настапот на машката сениорска репрезентација на големо натпреварување. Македонија беше дел од ЕП 2022 година што се одржа во Унгарија и Словачка, и настапи во Дебрецин.
Таму во последен момент останавме без капитенот Кире Лазаров, кој поради повредата беше само во селекторска улога. Поради коронавирусот, на ниеден натпревар не бевме во комплетен ростер – отсуствуваа Митревски, Стоилов…Беа забележани три порази од Словенија, Данска и Црна Гора, што беше доволно за 22 место во конечниот пласман.
Со Кире Лазаров на клупата, Македонија ги мина без поголеми проблеми репрезентациите на Романија и Чешка во баражите за Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска. Убедлив старт имавме и во квалификациите за ЕП 2024, со две победи над Турција и Луксембург.
Женската сениорска репрезентација со предводникот Љубомир Савевски играше четири меча во рамките на ЕХФ Евро Купот против Словенија и Норвешка. На сите од нив иако бевме блиску до позитивни резултати, сепак на крајот останавме со празни раце. Потоа Македонија играше на Европското првенство што се играше во нашата држава, Словенија и Црна Гора, а ривалите Франција, Холандија и Романија запишаа победи против нашите репрезентативки што беше доволно за последното 16 место.
Момците и дамите настапија на Медитеранските игри во Алжир. Избраниците на Кире Лазаров завршија на четвртото место, додека дамите беа седмо место.
Во младинските категории, две македонски селекции играа на ЕХФ шампионатите и една на СП. Најголем успех постигна машката кадетска репрезентација, која го освои златниот медал на ЕХФ шампионатот во Рига, со кој изборија место на кадетското СП 2023 и на младинското ЕП 2024 година. МВП на овој шампионат беше Томислав Димковски, додека во идеалниот тим се најдоа Александар Петковски, Михаил Тотиќ и Давид Брестовац. Во финалето беше совладана Швајцарија, а на патот до финалето не беа пречка ниту домаќинот Летонија, Косово, Турција и Луксембург.
Младинската машка репрезентација играше на ЕХФ шампионатот во Варна, каде што заврши на петтото место. Во групата беше совладано само Косово, реми со Украина, и два порази од Романија и Швајцарија. Во мечевите за пласман ги победивме Луксембург и Украина.
Женската кадетска репрезентација играше на СП во Македонија. Во групата забележавме три победи над Сенегал, Иран и Узбекистан, додека во главната рунда одигравме реми со Шведска и загубивме oд Исланд. Во разигрување, македонските кадетки загубија од Германија и Хрватска што беше доволно за 12 место во конечен пласман.
Вардар имаше сезона за заборав во Лигата на шампионите. Во групната фаза беше на шестото место и тоа му го донесе унгарскиот Веспрем за ривал во осминафиналето. По поразот дома, Вардар успеа да одигра реми на гости но тоа не беше доволно за следна фаза. Во новата сезона Вардар беше суспендиран од страна на ЕХФ и не доби место во елитната конкуренција. Во СЕХА лигата, вардарци беа елиминирани од Нексе во четвртфиналето и не се пласираа на Ф4. На домашна сцена Вардар ја освои двојната круна. Во македонското првенство, Вардар иако дома загуби од Еурофарм Пелистер со 24-23, славеше во Битола со 26-23 и заврши како лидер во плеј-офот. На Ф4 во Купот во финалниот меч иако битолчани водеа и со пет гола, Вардар победи со 23-22.
Еурофарм Пелистер стигна до елиминациите во Лигата на Европа, но таму беше елиминиран од Нексе Нашице, кој стигна до завршниот турнир во ова натпреварување. На меѓународна сцена, битолчани играа за првпат на Ф4 во СЕХА лигата, каде што по полуфиналниот пораз од Веспрем, му с одмаздија на Нексе и славеа против тимот од Нашице во битката за третото место. На домашна сцена, Еурофарм Пелистер остана без трофеј, откако Вардар беше подобар и во првенството и во Купот, но тие го освоија Супер Купот пред стартот на новата сезона и малку ги залечија раните. Во новата сезона Еурофарм Пелистер е дел од Лигата на Европа, а според досегашните резултати, битолчани одново ќе обезбедат место во осминафиналето.
Од машките екипи, Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2, беа елиминирани од иста екипа од Лигата на Европа – австрискиот тим Алпла Хард, кој забележа дури четири победи против македонските претставници. На домашна сцена, пет тима од Првата лига се пласираа во елитната лига. Јуниор КВ, Голден Арт, Куманово, Вардар Неготино и Алкалоид. Во бараж средбата за Суперлигата, Скопје беше подобар од Аеродром.
Во Женската лига, во интересен плеј-оф, тимот на Куманово иако имаше најголеми шанси, сепак попушти во финишот, а Ѓорче Петров со победи над директните конкуренти ја освои титулата. На Ф4 во Купот на Македонија, тимот на Металург беше подобар од Ѓорче Петров во финалето и го освои трофејот.
На европска сцена во новата сезона се пробаа Ѓорче Петров, Чаир, Металург и Куманово. Металург и Куманово беа елиминирани од ПАОК, односно Макаби Аразим Рамат Ган со два порази, додека Чаир мина една коло по елиминацијата на косовскиот Истогу. Во третата рунда нашиот тим беше на двапати совладан од Макаби Аразим и ги заврши европските настапи. Најдалеку дотурка шампионот Ѓорче Петров, кој ги елиминираше исландскиот КА Тор и австрискиот Румс Јагс. Во осминафиналето македонскиот тим ќе игра со полскиот Јарослав.
Во новата сезона од Супер лигата и Женската лига познато е веќе кои екипи ќе се борат за титула, а кои за опстанок и веќе отсега е јасно дека не очекува интересна пролет.
Во младинските категории се одиграа завршни турнири во сите категории. Кај пионерите најдобар беше тимот на Бисинов, додека кај пионерките титулата ја освои Ѓорче Петров. Кај кадетите шампион беше Бутел Скопје, кај кадетките најдобра беше Стружанка, кај младинките Металург, додека шампионската титула кај младинците ја освои Алкалоид.
Во 2023 година, веќе во јануари не очекува настапот на сениорите на СП во Полска и Шведска, како и продолжение на квалификациите за ЕП 2023 година во Германија, на кое практично обезбедивме пласман. Сениорките ги чека бараж двомечот со Украина за пласман на СП 2023, а во октомври ќе ги започнат и квалификациите за ЕП 2024 година. Од младинските селекции, кадетите ќе играат на СП во Хрватска, додека кадетките и младинките ги очекуваат настапи на ЕП во Романија и Црна Гора. Еурофарм Пелистер го очекува продолжението на Лигата на Европа, а заедно со Вардар го чекаат и стартот на новата сезона на СЕХА лигата. Ѓорче Петров веќе во јануари ќе бие битка за ТОП 8 во Европскиот Куп. На домашна сцена ќе се бијат битки за титули од февруари во првенството и во Купот на Македонија. Тука се стандардните натпревари во Супер, Женската и Првата лига, како и натпреварите во младинските категории, па нема да ни фалат ракометни возбудувања и во 2023 година.
СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2023 ГОДИНА!