СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2020 ГОДИНА!

Годината што измина беше полна со ракомет во сите конкуренции, и на клупско и на репрезентативно ниво,а Стандардно започна со настапот на машката репрезентација на СП во јануари, на која не обезбедивме место во главната рунда и разигрувавме за пласман, а тоа значеше и разделба со Раул Гонзалес, кој се посвети само на работата во ПСЖ. Потоа успешно беа довршени квалификации за место на Европско првенство, па нашата селекција ќе биде дел по шести пат на континенталниот собир.

Женската репрезентација пак одигра слаб бараж двомеч со Словенија за пласман на Мундијалот во Јапонија, а со два порази ги започна квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Во младинските категории, женската кадетска и младинска имаа резултат за заборав на ЕХФ шампионатите, додека ништо посебно не значи ни разигрувањето за пласман на кадетите на Мундијалот во Скопје.

Вардар трета година по ред играше на завршниот турнир во Лигата на шампионите, а на изненадување на цела јавност, нашиот тим ја освои титулата по пресврт победата над големата Барселона, а потоа го победи и Веспрем. Освен европската, „црвено-црниот“ тим ја освои и титулата во регионалната СЕХА лига. Вардарци на доамашен терен ја освоија титулата, но Металург ги победи во финалето на Купот на Македонија. Во женска конкуренција, Металург стана шампион без проблеми, додека Куманово го изненади тимот од Автокоманда во финалето на Купот на Македонија.

Вардар во слична насока започна и во септември во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а претходно во август славеше и во Супер купот, но во продолжение од сезоната следуваа катастрофални порази во елитната конкуренција. Еурофарм Работник играше за првпат и во групната фаза од ЕХФ Купот и во Лигата на шампионите, но не успеа да обезбеди втора фаза во ниту едно натпреварување. Спротивно на тоа, во регионалната СЕХА лига, каде што исто така се дебитанти, остварија солидни резултати и ќе играат во осминафиналето.

Во другите европски купови, Металург, Бутел и Пелистер беа елиминирани во ЕХФ Купот, додека во женска конкуренција, ниту Металург и Куманово во ЕХФ Купот, како и Пелистер во Челинџ Купот не беа дораснати на противниците ниту во првото коло.

Во новата сезона не чекаат настапот на машката селекција на ЕП и баражот за СП, женската во квалификациите за ЕП и квалификации за СП, а во младинските категории настап на кадетите и младинците на ЕХФ шампионатите, додека во женска конкуренција, кадетките и младинките нема да имаат акции. На клупска сцена, Еурофарм Работник и Вардар продолжуваат со дуелите во СЕХА, а Вардар и во ЛШ. Тука се стандардните натпревари во Супер лигата и Женската лига, во Првата лига, како и во Купот на Македонија, плус дуелите од сите младински натпреварувања под капата на РФМ.

СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2020 ГОДИНА!