На денешните квалификациски натпревари за Европското првенство 2024, најблиску до сензација беа репрезентациите на Финска и Италија, но Србија, односно Полска, не дозволија да има изненадување.
Репрезентацијата на Србија со голот на Вукашин Воркапиќ ја совлада Финска со 30:29 (14:17) и го потврди пласманот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржува во Германија.
Избраниците на Тони Херона одиграа лош натпревар, во кој домашната репрезентација покажа дека може да се носи против поквалитетни ривали. Финска може да жали за пропуштената шанса за голема сензација, бидејќи на осум минути пред крајот водеше со 29:26. Србија со три гола во низа најпрво израмни на 29:29, а на триесетина секунди пред крајот, 25-годишниот Вукашин Воркапиќ донесе победа за српската репрезентација.
Најдобар поединец во редовите на Србија беше Немања Илиќ, кој имаше 100% реализација, осум од осум. Кај Финска незадржлив беше членот на Алингсад, Макс Гранлунд со девет погодоци.
Пред сензација беше и Италија, но не издржа во брзото темпо со Полска, па беше поразена со 31:29 (13:15).
Полска во последното коло за ривал ја има селекцијата на Летонија и тука може да се очекува дека ќе освои лесна победа. Ракометарите на Италија во последното, 6. коло од квалификациите ќе играат со Франција.
Чешка со победа над Естонија од 32:30 (14:18) избори ново учество на Европското првенство.
Во групата во која се наоѓа Чешка, селекцијата на Исланд без многу проблеми славеше против Израел со 37:26 (19:11). Исто како и Чешка, островската земја ќе учествува на Европското првенство.
Унгарија веќе од поодамна имаше обезбедено учество на Европското првенство, па така денес дуелот со Литванија немаше никакво резултатско значење, но унгарците целосно ја оправдаа улогата на фаворит и триумфираа со високи 46:31 (22:14).