Репрезентацијата на Србија го доживеа првиот пораз на Европското младинско првенство во Португалија, загуби од Франција со десет гола разлика, 28:38 (13:18), во натпревар без резултатско значење, бидејќи избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ со освоеното прво место во М2 групата, веќе имаа обезбедено место во полуфиналето. Франција ќе разигрува за пласман од 5 до 8 место.
Србија во полуфиналето за противник ја доби репрезентацијата на Шпанија, која во денешниот натпревар против Данска во М1 групата, одигра рутински, триумфираше со шест гола разлика, 40:34 (17:20) и против ракометарите на Србија ќе се бори за финале.
Во досегашните натпревари на младинскиот континентален собир, „црвената фурија“ беше поразена само од домаќинот, Португалија. Данска, исто како и Франција, ќе разигрува за пласман од 5 до 8 место.
Второто полуфинале го сочинуваат репрезентациите на Шведска и Португалија. Во М2 групата, каде првото место го освои Србија, Шведска и Германија беа во борба за второто место. Нивниот меѓусебен дуел, кој беше одигран денес и на кој Шведска триумфираше со 29:25 (11:10), покажа дека скандинавската земја е далеку помоќна во однос на Германија.
Иако беше поразена од Унгарија со 33:30 (17:13), репрезентацијата на Португалија уште од поодамна имаше обезбедно место во полуфиналето од М1 групата. Полуфиналните натпревари се закажани за 15 јули.