Репрезентацијата на Србија обезбеди пласман во главната фаза на Европското младинско првенство во Португалија, откако во рамки од групата Д го освои првото место во конкуренција со Германија, Исланд и Италија.
Младите репрезентативци на Србија останаа единствени претставници од поранешна Југославија бидејќи Црна Гора, Хрватска и Словенија не успеаја да обезбедат место меѓу 8-те најдобри.
Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ во групната фаза ремизираа против Исланд, потоа направија изненадување, го совладаа актуелниот бранител на титулата, Германија, и во последното коло обезбедија лесен триумф над Италија.
Србија за противници во главната фаза ги доби Шведска и Франција како претставници од групата Ц. Овие две репрезентации плус Германија, како второпласирана од групата Д, ја сочинуваат M2 групата. Репрезентациите кои ќе го освојат првото и второто место во оваа група ќе обезбедат пласман во полуфиналето. Доколку Србија избори пласман во полуфиналето, тогаш ќе игра против првопласираната или второпласираната репрезентација од М1 групата.
Ракометарите на Србија во главната фаза пренесоа два бода и имаат полесен пат до полуфиналето. Два бода пренесе и репрезентацијата на Шведска, која во групната фаза забележа три победи, над Црна Гора, Франција и Хрватска. Репрезентациите на Германија и Франција ќе стартуваат без бодови. Српската репрезентација на 12 јули ќе се соочи со Шведска, а на 13 јули со репрезентацијата на Франција.
Репрезентациите на Португалија, Данска, Шпанија и Унгарија ја сочинуваат М1 групата. Данска и Португалија на свое конто веќе имаат по два бода, додека Шпанија и Унгарија битката за полуфинале ќе ја стартуваат без бодови.