Српскиот селектор Ненад Перуничиќ е на големи маки пред стартот на Европското првенство со чуварите на мрежата. Откако остана без Дејан Милосављев, кој поради операција на коленото ќе го прескокне континенталниот собир, Србите го немаат на располагање ниту Тодор Јандриќ.
Само пет дена пред првиот собир, се повреди голманот на Металопластика. Тој имаше блескава полусезона во СЕХА лигата, заработи дисторзија на скочниот зглоб на тренинг.
Поради повредата на Јандриќ, селекторот Перуничиќ ќе остане само со еден голман на подготовките, Владимир Цупара, бидејќи Тибор Иванишевиќ ќе се приклучи дури на стартот на јануари.
Србите ќе се соберат на 22 декември во Ковилово, а на 28 и 29 декември ќе имаат две контролни средби против Египет во Белград и Ниш. На ЕП, Србија е во групата А во Грац, заедно со Хрватска, Црна Гора и Белорусија.