Србинките победија за спасување на честа, Шпанија триумфално тргна кон Токио

Шпанија во последниот квалификациски натпревар рутински и без многу замор триумфираше против Аргентина со резултат 31:16. Со победата над Аргентина, Шпанките го потврдија пласманот на Летните Олимписки игри во Токио.

Со комбиниран состав од првата и втората постава, Шпанија ја најави својата победа уште во првото полувреме кое заврши со убедливи 19:10. Второто полувреме беше само форманлност, а ракометарките на Аргентина постигнаа само шест гола, во просек по еден на секои пет минути.

Најефикасни во составот на Шпанија беа Марта Лопез со седум и Кармен Мартин со шест гола. Во репрезентацијата на Аргентина најефикасна беше Елке Карстен со четири гола.

Селекцијата на Србија со убедлива победа против Казахстан од 42:30 ги заврши настапите во квалификациските натпревари за Летните Олимписки игри во Токио, но без успех бидејќи третото место е премалку за учество на игрите.

Србија преку разиграните ракометарки, Радојевиќ и Крпеж Слезак уште од самиот почеток тргнаа фуриозно со водство од 4:0. Ракометарките на Казахстан заостануваа од три до четири гола, а првото полувреме донесе плус седум разлика за избраничките на Љубомир Обрадовиќ, 23:16.

Во второто полувреме, Србија ја потврди својата доминација на теренот и преку ракометарките со помала минутажа кои ја искористија секоја дадена шанса зголемија на високи 12 разлика.

Најефикасна во селекцијата на Србија беше Јована Ковачевиќ со осум гола. Во поразената селекција се истакна Ирина Александрова со девет гола. Солидна меѓу стативите беше голманката на Казахстан, Јулија Поилова со вкупно 15 интервенции.

Русија и Унгарија ги затворија квалификациите во дерби натпреварот за првото место од втората група. На победата се радуваа ракометарките на Русија кои триумфираа со 29:23.На полувреме Русинките имаа предност од два разлика, 14:12.

По големата борба во првото полувреме, Русинките беа подобар противник во вториот дел. Со добрите интервенции на Калинина и расположениот тандем Манагарова – Вјахирева стекнатото водство беше контролирано до самиот крај и конечниот исход беше плус шест разлика.

Најефикасна во репрезентацијата на Русија беше Ана Вјахирева со седум гола. Во Унгарија, Анико Ковачич, Катрин Клујбер и Сандра Солоши Зачик постигнаа по пет гола.