Од 2 август, па сѐ до 13, во Хрватска ќе се одржува Светското кадетско првенство во машка конкуренција.
Меѓу учесниците е и репрезентацијата на Норвешка, која е еден од ривалите на Македонија во рамки од групната фаза.
Норвешка на кадетските Мундијали својот деби настап го имаше во 2009 година и до сега има пропуштено само едно издание, со оглед на тоа дека не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство во Аргентина (2011).
Најдобриот пласман го има остварено на Мундијалот во 2013 година, кој се одржуваше во Унгарија. Тогаш кадетите на Норвешка одиграа солидно и го освоија петтото место.
Норвежаните никогаш не стигнале на подиумот ниту на младинското Европско првенство, но седмото место во Подгорица во август минатата година на Европското кадетско првенство беше доволно за да се обезбеди пласман на Светското првенство.
Скандинавската селекција во текот на подготвителниот период одигра пријателски дуели против Данска, Египет и Шведска. На сите три беше поразена, но на дел од тест дуелите покажа одреден квалитет.
Освен со Македонија, норвешката селекција ќе игра и против Грузија и Црна Гора во рамки од групата Д. Со својот играчки ростер, со кој располага, би можеле да им ги замрси сметките на фаворитите и да се избори за историски успех.
Клучни играчи: Оскар Сивертсен (голман), Мариус Олсет (лево крило), Ласе Сунде Лид (десен бек)