Од 2 август, па сѐ до 13, во Хрватска ќе се одржува Светското кадетско првенство во машка конкуренција.
Меѓу учесниците е и репрезентацијата на Грузија, која е еден од ривалите на Македонија во рамки од групната фаза.
Машкиот ракомет во Грузија е во подем – сениорската репрезентација ќе учествува на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија, додека кадетите по втор пат во историјата ќе настапат на Светското првенство.
Грузија својот деби настап на кадетските Мундијали го имаше во 2017 година кога беше домаќин на натпреварувањето. Тогашните кадети на Грузија настапот го завршија на 20 место од вкупно 24 учесници.
Шест години подоцна, Грузија го обезбеди своето место на Светското првенство во Хрватска по успешниот настап на ИХФ трофејот.
Иако завршија на второто место зад Гвадалупе, сепак, според пропозициите, Гвадалупе, како група на острови што припаѓаат на Франција, која пак веќе имаше обезбедено пласман на кадетскиот Мундијал, немаше право да патува во Хрватска.
Освен со Македонија, селекцијата на Грузија ќе игра и против Црна Гора и Норвешка во рамки од групата Д.
Во стручниот штаб на Грузија требаше да биде и Реваз Чантурија, но искусниот ракометар поради клупски обврски нема да може да присуствува на СП во Хрватска.
Клучни играчи: Сандро Дарсанија (десен бек), Вахтанг Келисупали (лево крило), Џиџи Рухадзе (голман)