Во групата Ц на Светското првенство се очекува голема борба за пласман во главната фаза и сите репрезентации имаат причини да се надеваат на тоа. Хрватска без дилеми е првиот фаворит во оваа група со своите квалитети и искуство, но во ниту еден случај нема да биде лесно како што можеби сите мислат. Останатите три селекции Катар, Ангола и Јапонија се многу мотивирани и ќе ја чекаат својата шанса.
Селекторот Лино Червар може да се покаже како главна предност на Хрватска, првенството во Египет ќе биде осмо светско првенство за 70 годишниот тренер. Червар се согласи да ја води репрезентацијата до завршување на Олимпијaдата под услов неговиот тим да се квалификува. Ова ќе биде 6. Светско првенство на Лино Червар како селектор на Хрватска, а неговото тактичко и ракометно знаење беше клучно во 2003 година кога Хрватска стана светски шампион. Исто така и во 2005 и 2009 година кога „Каубоите“ го освоија сребрениот медал. Червар ја предводеше Хрватска и до златен медал на Олимписките игри, а освои сребрени медали на Европските првенства во 2008, 2010 и 2020 година.
Во репрезентацијата се враќаат Иван Чупиќ и Мануел Штрлек и повторно тимот на Червар изгледа подготвен за највисоки дострели. Пласманот во главната рунда не би требало да биде проблем со оглед на тоа што противниците од групата им се добро познати. Хрватска двапати на претходните првенства ја победи Јапонија, 34:25 во Тунис во 2005 година и 35:27 на првенството во Германија и Данска во 2019. Приказната со Катар е поинаква бидејќи азискиот претставник ја победи Хрватска на Олимписките игри во 2016 година, но сега вицешампионот ќе има шанса да се одмазди на 17 јануари кога се игра нивниот дуел.
Катар е втор фаворит во групата, па би требало да обезбеди главна фаза и покрај тоа што на претходните две светски првенства не ги оправда очекувањата после сребрениот медал на домашното првенство во 2015 година. На првенството во Франција се пласираше на 8. место, додека на Мундијалот во Данска и Германија во 2019 година заврши на 13. позиција. Катар пристигнува со голема самодоверба на првенството знаејќи дека во минатото има триумф против Хрватска и голем успех против Јапонија која ја совладаа на последниот азиски шампионат во 2020 година со 36:28. Катар сè уште ја бара својата прва победа против Ангола, а на минатото Светско првенство африканската репрезентација победи со 24:23 и го елиминираше Катар од Мундијалот. Сепак, Катар е фаворит, играчите веќе имаат доста искуство под водство на Валеро Ривера.
Главниот натпревар на првенството за Ангола и Јапонија ќе биде нивниот меѓусебен дуел кој се игра последен од групната фаза на 19 јануари. Досега ниту една репрезентација од овие две се нема пласирано во втора фаза на едно првенство и најверојатно нивниот дуел ќе биде одлучувачки која репрезентација ќе го оствари најдобриот успех со пласман во главната фаза. Ова ќе биде трето последователно првенство како ќе играат меѓусебе. Јапонија победи на СП 2017 во Франција со 37:26, но Ангола се реваншираше две години подоцна кога во меч за 23. место победи со 32:29. Притисокот сигурно ќе биде врз Јапонија која очекува подобри изданија во пресрет на Олимписките игри летово на кои се домаќини и на кои имаат обезбедено учество како организатори.
Хрватска секогаш на сите големи натпреварувања е кандидат за висок пласман. Досега Хрватите имаат 13 учества на Мундијалите и тоа речиси на сите со одличен успех. Светски шампиони станаа во 2003 година, а имаат и три сребрени медали и еден бронзен медал. Исто така еднаш беа четвртти и по двапати завршуваа на 5. и 6. позиција. Клучни играчи во тимот се незаменливиот Домагој Дувњак и Лука Циндриќ кои се очекува да ја водат репрезентацијата до нов успех.
Ангола на ова светско првенство ќе настапи со поголеми амбиции и јасна цел да се подобри пласманот од претходните две првенства кога завршија на 23. и 24. место. Ангола скоро два месеци е на подготовки за Мундијалот и ова ќе биде нивно петто учество. Најдобар пласман забележаа на првиот настап во 2005 година кога завршија на 20. позиција. Пласман во Египет африканската репрезентција обезбеди со освојување на 4. место на континенталното првенство во 2020 година. Клучни играчи во тимот се Џовани Маучисенге (голман) и Роме Хебо (среден бек).
Јапонија е уште една селекција која на првенството во Египет очекува подобрување на пласманот од претходното. Под водство на Исланѓанецот, Дагур Сигурдсон сигурно Јапонците напредуваат, но треба тоа да го докажат и на терен. Ова ќе биде 15. нивни настап на Мундијалите кој го обезбедија со освојување на третото место на азиското првенство. Најдобар успех им е 10. место во далечната 1970 година. Клучни играчи во тимот се Реми Анри Дои (лево крило) и Јуто Агари (среден бек).
Катар со многу натурализирани репрезентацивци секогаш е опасен противник, а тоа е особено нагласено бидејќи на клупата е многу квалитетниот Валеро Ривера. Најголем успех на репрезентацијата на Катар е 2. место во 2015 година од вкупно седум учества досега. Клучен играч во тимот е ветеранот на голот, Даниел Шариќ.