Денешниот ден од Светското првенство за кадетки во Македонија беше резервиран за првите натпревари од групата Ц и групата Д во главната рунда.
Во рамки од групата Ц, Јужна Кореја со победата над Романија од два гола разлика, 33:31 (17:16), обезбеди влез во четвртфиналето и стана потенцијален ривал на македонската репрезентација доколку избраничките на Љубомир Савевски обезбедат влез меѓу 8-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал.
Јужна Кореја им се придружува на Исланд, Египет и Данска, репрезентации кои веќе обезбедија пласман во четвртфиналето. Победа од групата Ц оствари и Холандија, која целосно ја надигра Германија, 31:25 (14:13).
За втората позиција, која исто така носи пласман во четвртфиналето се во игра Холандија и Романија, додека Германија ќе разигрува за пласман од 9 до 16 место.
Франција во групата Д ја изненади Норвешка, триумфираше со 22:19 (11:6) и остана во игра за четвртфинале. Во споменатата група Унгарија славеше над Бразил со 32:16 (19:10), така што сите три репрезентации ( Франција, Норвешка и Унгарија) имаат по два бода на свое конто.
Во утрешните дуели, Норвешка ќе игра против Унгарија, а Бразил ќе се соочи со Франција. И во оваа група постојат многу математики, па така ќе биде неизвесно до самиот крај.
Освен натпреварите од главната рунда, беа одиграни и четири натпревари од Президент Купот.