Денес на Светското првенство за кадетки во Македонија се одиграа сите 16 натпревари во рамки од 3. коло од групната фаза. Како што е веќе познато, репрезентацијата на Македонија со трите победи, против Сенегал, Узбекистан и Иран, обезбеди пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал.
Во главната рунда се пласираа и репрезентациите на Исланд и Шведска од групата А. Против овие две репрезентации, нашата селекција ќе се бори за влез во четвртфинале. Од групата Б, во која настапуваше Македонија, пласман обезбеди и селекцијата на Иран, откако оствари две победи, против Сенегал и Узбекистан.
Репрезентациите на Данска и Португалија ја освоија првата, односно втората позиција во групата Ц. Двете репрезентации во главната рунда ќе вкрстат со репрезентациите на Египет и Хрватска од групата Д.
Холандија и Романија како најдобри репрезентации од групата Е во главната рунда ќе вкрстат со репрезентациите на Јужна Кореја и Германија, кои завршија на првото и второто место во групата Ф.
Од групата Г, Норвешка и Бразил обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации и во главната рунда ќе играат против Унгарија и Франција од групата Х.
Во Президент Купот ќе настапуваат репрезентациите на Црна Гора, Алжир, Сенегал, Узбекистан, Фарски Острови, Австрија, Казахстан, Индија, Словенија, Гвинеја, Швајцарија, Словачка, Чешка, Уругвај, Шпанија и Аргентина.