Хрватскиот првак Загреб загуби од францускиот ПСЖ со 33-30 во „Арена“, иако Раул Гонзалес се реши за ростер без браќата Карабатиќ, Кристопанс, Пранди, повредениот Шипжак…
После подолго време, Загреб имаше голема поддршка во „Арена“ од повеќе од 7.000 од навивачи, но 2.000 од нив останаа без влезници за мечот со ПСЖ и измрзнаа на студот надвор во редици пред салата.
„Плинарите“ информираа дека билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигаат на билетарница на денот на мечот, сепак не најавија дека нема да биде во функција полниот капацитет на салата, односно горните трибини.
ПСЖ привлече голем интерес, но многумина навивачи си заминаа дома разочарани бидејќи не влегоа во „Арена“.
„Ова е разочарување, мислам дека можеше да се избегне. Дојдов со децата, чекавме повеќе од половина час во гужвата, а потоа некој спомна дека нема повеќе билети. Чекавме уште, бидејќи не бевме сигурни во таа информација, но никој од вработените во салата или од клубот не излезе и не кажа дека нема повеќе билети“, изјави еден од навивачите за Спортске Новости.
И покрај поразот, Загреб има осум бодови на шестото место кое води во осминафиналето, Висла Плоцк е седма со пет бода, додека Порто има четири на последното место во групата А.