Во пресрет на новото машко Светско првенство на кое Македонија повторно ќе настапува, во јануари 2023 во Полска и Шведска, како најава и загревање на ракометниот јануари ќе има ревијален меч меѓу некогашните репрезентативни ѕвезди и генерацијата што доаѓа. Мечот треба да биде и официјално простување за некои од досегашните ѕвезди кои досега немаа таква чест, а веќе се „пензионери“.
Генерацијата 2009 година која го скрши мразот по десетгодишна пауза, заедно со оние што настапија 2012 и го постигнаа најголемиот репрезентативен успех, 5. место на ЕП во Србија, ќе „вкрсти копја“ со тимот што треба да ги продолжи тие стапки и ќе игра на СП сега.
На теренот би требало да се најдат Кире Лазаров, Раде Стојановиќ, Ванчо Димовси, Филип Лазаров, Стевче Алушовски, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, Наумче Мојсовски, Влатко Митков, Петар Ангелов, Борко Ристовски, Влатко Темелков, Митко Стоилов, Ацо Јоновски, Бранко Ангеловски, Горан Ѓоргоновски, Велко Маркоски, Златко Мојсоски, Дејан Пецаковски, Гоце Макалоски, Владо Недановски, Златко Даскалоски, Александар Јовиќ…и да одиграат натпревар против Жарко Пешевски, Никола Митревски, Мартин Томовски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Гоце Георгиевски… Некои веројатно ќе играат и за двата тима, како Дејан Манасков, а сегашниот селектор на сениорите Кирил Лазаров ќе биде малку играч, и малку тренер.
На клупата би требало да бидат Илија Темелковски и Звонко Шундовски зад чие име стојат успесите кои постојано ќе се споменуваат. Овој натпревар би требало да биде простување од дресот со националниот грб за оние ракометари кои веќе ги завршија своите играчки кариери, а немаа можност да се простат од македонската публика. Меѓу „славениците“ треба да бидат Стоилов, Ристовски, Стојановиќ, Митков….
Миркуловски, Лазаров и Стоилов ги одиграа своите последни репрезентативни натпревари во баражот против Чешка за Светското првенство, додека претходно кариерите ги завршија Мојсовски, Алушовски, Димовски…
Најава за спектакл…