Капитенот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски, по дваестина години активно играње и четири сезони во редовите на бутелци, ја заврши кариерата на 36 години.
Кружниот напаѓач, кој своевремено беше дел од Радишани, Пролет, Вардар Јуниор и Охрид, веќе посетува семинари за тренери во организација на Тренерската организација на РФМ, но засега ќе биде само дел од управата на клубот.
„Ја завршувам кариерата во клубот каде што ја започнав кариерата, а тогаш се викаше Радишани. Нема ништо поубаво да се вратиш кај што ти биле почетоците и да завршиш со активно играње ракомет. Најзаслужен за тоа е Александар Стефанов, а таков човек и оние како него, му се потребни на македонскиот ракомет. Со Бутел Скопје направивме големи успеси минатите пет сезони, а јас останувам во ракометот како дел од раководството на клубот“, вели Спасовски.
Клубот оваа сезона стигна до Ф4 на Купот на Македонија, а го освои и третото место зад Вардар и Еурофарм Пелистер, што е најголем клупски успех. Ова лето бутелци ќе играат во квалификациите од Лигата на Европа.
„Ние сме повеќе од клуб, функционираме како семејство и имаме единство, а резултатите што ги направивме овие години тоа го говорат. Ова сезона тргнавме со трето место на турнирот во Струга, сега игравме и на Ф4 во Купот, а го освоивме и третото место во првенството. Но најмногу ме радува што успешни резултати имаат и нашите млади категории. Младинците обезбедија место на Ф4, кадетите го освоија златниот медал. Оваа сезона имавме една цел, игравме за Марко Божиновски, машки и емотивно со срце, иако имавме и доста трауми по она што се случи со Денис Тот. Јас се повлекувам во најуспешната сезона за Бутел од постоењето на клубот“, вели Спасовски.
За Бутел Скопје останува да го одигра натпреварот со Еурофарм Пелистер, па ќе може да оди на заслужен одмор.