Ракометарките на Спартак на свој терен беа подобри од Гевгелија со еден гол разлика, 29:28, во натпревар од 7.коло од плеј-аут фазата во Женската лига. Составот на Гевгелија имаше шанса од Кисела Вода да си замине со реми, но во својот последен напад не успеа да постигне гол.
На овој натпревар видовме две различни полувремиња. Избраничките на Татјана Бојкова од стартот, па сѐ до 25. минута беа во водство, во најголемиот дел од првите 30. минути водеа со три гола разлика.
Домаќинките, кои на овој натпревар беа предводени од Гроздановска, во завршниот дел од првото полувреме беа подобрата екипа на терен и на пауза заминаа со минимална предност од 14:13.
Спартак продолжи со одличната игра во второто полувреме, секогаш беше чекор пред својот противник, кој, изгледаше дека капитулира во последниот период од дуелот, сепак, при резултат од 26:21 за Спартак, ракометарките на Гевгелија со серија од 3:0 намалија на 26:24, а по неколку минути дојдоа и до израмнување, 27:27.
Последните два погодоци на Спартак беа дело на Гроздановска и Ангеловска за водство од 29:27. Гевгелија постигна брз гол преку Димова и имаше прилика за реми, но дадената шанса не беше искористена.
Најефикасна во победничката екипа беше Ангела Гроздановска со десет постигнати погодоци. Кај Гевгелија, поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова беше прв стрелец со 12 погодоци во мрежата на домашниот табор.