По поразот од Словенија со 33-28, машката репрезентација победи на последниот контролен натпревар пред стартот на Европското првенство од селекцијата на Црна Гора со 25-24.
Селекторот Данило Брестовац повторно почна без капитенот Кире Лазаров, со бековска линија од Талески, Танкоски и Велковски, на линијата беше Стоилов, додека на крилата стартуваа Манасков и Георгиевски.
Во првиот дел двете репрезентации се менуваа во водството, но Црногорците отидоа на пауза со гол предност, 12-13. Во второто полувреме на два пати имавме предност од три голови, но во последната минута беше 24-24.
Сепак ние ја имавме последната реализација на мечот и ја однесовме победата. Бранко Вујовиќ имаше шут за реми, но Митревски не дозволи да биде совладан.
Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Манасков и Талески со по пет голови, по три дадоа Пешевски и Маџовски, два пати реализираа Поповски, Кузмановски и Стоилов, додека по еднаш погодија Крстевски, Танкоски и Велковски.
Голманот Никола Митревски забележа 14 интервенции.
Кај Црна Гора шест пати погоди Немања Грбовиќ, а пет пати стрелаше Стеван Вујовиќ.
Нашите ракометари патуваат за Австрија на 8 јануари, а на 10 веќе го играат првиот натпревар против репрезентацијата на Украина.