„Со натпревари во македонската лига не се напредува, има само две-три квалитетни екипи“

Репрезентацијата на Македонија на првиот дуел на Европското првенство беше убедливо поразена од актуелниот олимписки првак Франција, со резултат 24:14, во натпревар од групата Ц, која се игра во Скопје.

Селекторот Љубомир Савевски вели дека и покрај поразот е задоволен од играта на неговите избранички, посебно во фазата на одбрана.

„Нашата ефикасност беше катастрофална, не поради лошата игра, туку поради феноменалната одбрана на Франција. Немавме многу шанси, се обидовме да внесиме свежина со Кипријановска и Јанкуловска, не успеавме и не беа психички спремни да се ослободат и да играат малку послободно. Разговаравме пред стартот и им реков дека нема што да загубиме…Треба да покажеме тоа што го знаеме за да можеме да размислуваме за следните натпревари. Доколку имавме неколку контролни натпревари, веројатно ќе игравме подобро. Сепак, јас на крај сум задоволен од менталниот склоп на играчите. Се обидовме да ротираме, но повеќе ракометарки од клупата се млади и неискусни и не може да одговорат кога се крши резултатот. Така веднаш од пет доаѓаме до осум разлика. Франција има многу моќна одбрана и сигурен сум дека се меѓу најдобрите репрезентации на ЕП”, изјави Савевски.

Искусниот стратег истакна дека Европското првенство е само добра подготовка за следните квалификации за Светското првенство. За следните два дуели, против Холандија и Романија изјави дека ќе дадат се од себе за да се покажат во добро светло.

„Јас сум оптимист, ние сме на самиот почеток на циклусот. Ова Европско првенство е многу силно, посилно од Светското првенство, бидејќи на ЕП сите репрезентации се квалитетни и знаете дека ние не го изборивме пласманот, туку играме како домаќини. Имаме една мала надеж дека можеме да го промениме она што се случуваше во последните десет години. Со натпреварите во македонскиот шампионат не се напредува. Има само две до три екипи кои се квалитетни. Целата надеж ја имавме во Елена Ѓорѓиевска, но таа имаше повреда на рамото. Јас отворено ќе кажам, ние работевме да ги мотивираме ракометарки да дадат повеќе од 100%. Една Холандија ја победи Норвешка со десет разлика, Романија одигра нерешено против Германија, станува збор за две квалитетни репрезентации. Двете репрезентации имаат брзи крила и брза транзиција, но ќе се обидеме да парираме, дојдовме тука да покажеме дека може да се натпреваруваме”, заврши Савеввски.

Следен предизвик за избраничките на Љубомир Савевски е натпреварот против Холандија.

Македонија ќе се соочи со Холандија на 7 ноември со почеток од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски”.