Селекцијата на Шведска во вторникот при пристигнувањето во Египет и завршувањето на своите активности ја дозна веста дека Македонија ќе игра во нивната група на местото на Чешка.
Селекторот на Шведска, Глен Солберг, истака дека неговата репрезентација со доаѓањето на Македонија е во потешка група.
„За репрезентацијата на Чешка се спремавме подолго време. Групата стана потешка отколку што беше, особено што немавме многу време да се подготвиме за Македонија. Уште од самиот почеток рековме дека ќе го прифатиме предизвикот и ќе се фокусираме на играта“, изјави селекторот Солберг.
Шведска на овој мундијал ќе настапи во преполовен и нов состав откако неколку главни репрезентативци беа спречени да дојдат во Египет поради позитивните тестови и повреди.