Полскиот тим Јарослав е ривал на македонскиот првак Ѓорче Петров во осминафиналето на Европскиот Куп. Тоа не е најсилниот тим што можеа да го добијат девојките на Симе Симовски, но не е ниту тим, кој ако може да бирате – би го избрале.
Јарослав не ја почна сезона според очекувањата, барем не во домашниот шампионат. Норвешкиот стратег Реидар Мостад доби отказ на 1 декември по слабите резултати во полското првенство, каде што Јарослав има само две победи и едно реми на девет меча досега, а допрва им претстојат двобои со фаворитие Заглебје и Лублин.
Во втората рунда од Европскиот Куп, Јарослав прво дома загуби од холандскиот Венло со 29-27, но потоа славеше на гости со 36-30 и помина во третото коло, каде што имаше лесна задача и прослави две убедливи победи над португалскиот Алавариум со 44-21 и 36-26.
На овие дуели од третото коло, Јарослав го водеше асистентот на Мостад, Моника Чолева, која се справи со предизвикот, но полскиот тим веќе најде нов тренер кој ќе дебитира на дуелите од полскиот шампионат, а потоа и на европските двобои со Ѓорче Петров. Станува збор за легендарниот полски репрезентативец Микал Кубиштал, некогашен лев бек на Фуксе Берлин, Висла Плоцк, Азоти Пулави, Тарнов…кој ќе работи во стручниот штаб со негоавата сопруга исто така екс полска репрезентативка Сабина Кубиштал.
Јарослав настапува во најквалитетната лига на Полска од 2019 година, откако клубот беше реактивиран во 2015 година, но никогаш немал позабележителни резултати освен третото место 1997 година. Минатата сезона беа четврти, па со тоа изборија деби европска виза.
Полскиот тим има регистрирано само 14 ракометарки и за домашното првенство и за Европа, а дали така ќе остане и во продолжение од сезоната останува да видиме. Причините за ваквиот потег веројатно се од финансиска природа. Меѓу нив има и една репрезентативка на Полска, која настапи на последното ЕП, а тоа е пикерот Силвија Матушчик.
Јарослав има многу искусни ракометарки, а тимот има просечна возраст од 27 години. Највозрасната, 34-годишната Валентина Нестерук е и најдобриот стрелец на тимот во Европа со 23 гола, а Белорусинката игра на позицијата среден бек. Покрај неа, има уште три интернационалки – голманката Полина Кухарчук од Белорусија, како и левиот бек Лесија Смолинг и десното крило Наталија Воловник од Украина.
Токму Воловник е меѓу најефикасните, а опасност има и од левото крило Силвија Гливинска. Претходно споменатата Матушчик, која има 30 години заедно со Александра Дорш, формираат одлично дуо пикери, кои реализираат многу голови – постигнаа вкупно 32 на четири европски натпревари.
Во полскиот шампионат, исто така Нестерук е најдобар стрелец со 47 голови, додека втора е левиот бек Александра Зимни со 34 гола на девет меча, но со слаба реализација и оттука станува кој е најголем потрошувач на топки во Јарослав. Голманките се чини, дека не се најсилен дел од тимот, а не се сомневаме дека Симе Симовски со стручниот штаб детално ќе го анализира ривалот за кој нема да му недостигаат информации.
Полскиот тим го има искуството на своја страна, додека Ѓорче Петров младоста и брзината, па кога ќе се земат сите факти во предвид, шансите се 50-50. Првиот натпревар меѓу Ѓорче Петров и Јарослав ќе се игра во Полска на 7/8 јануари, додека реваншот ќе биде на 14/15 во Скопје.