Левото крило на норвешката репрезентација и на дански Есбјерг, Сана Солберг нема да настапи на Европското првенство, на кое Македонија ќе биде еден од домаќините, а ќе ги пропушти и поголемиот број на натпревари во Лига на шампионите.
Искусната ракометарка од Норвешка, која со екипата на Есбјерг во изминатата сезона го освои бронзениот медал во Лигата на шампионите, ќе паузира подолг временски период, бидејќи е бремена и по првпат ќе стане мајка.
Од нејзиниот актуелен клуб, Есбјерг ја потврдија веста, а во изјава за официјалната клупска страна, Солберг истакна дека со нетрпение очекува да стане мајка.
,,Ова е неверојатно и посебно чувство, сега јас и мојот сопруг сме многу среќни што ќе станеме родители. Нашето прво дете ќе биде девојче. Времето за вакво нешто ни одговара совршено. Со нетрпение очекуваме како ќе се сменат нашите животи кога ќе станеме родители”, изјави Солберг.
Норвешка на Европското првенство во ноември ќе игра во група А заедно со Унгарија, Хрватска и Швајцарија. Најдобрите три репрезентации ќе обезбедат пласман во главната фаза на континенталниот собир. Освен Македонија, домаќини на ЕП ќе бидат и Словенија и Црна Гора.