Десниот бек кој во минатата сезона го носеше дресот на екипата на Тиквеш, Вања Смиљаниќ својата кариера ќе ја продолжи во Словенија. Нов тим на ракометарот од Србија е МРК Добова.
Смиљаниќ дојде во Тиквеш минатата година од редовите на Вогошча од БиХ. Тој настапуваше на десен бек, а тренерите можат да го користат и како десно крило.
Тој има 24 години, а во последната сезона одигра 24 натпревари во дресот на Тиквеш. Постигна 42 гола во првиот дел од шампионатот, како и 76 погодоци во плеј-аут лигата кога тимот од Кавадарци успеа да обезбеди опстанок.
Станува збор за квалитетен ракометар, но тој одлучи да си замине од Кавадарци и кариерата да ја продолжи во Словенија. Екипата на МРК Добова во минатата сезона заврши на 11 позиција во најсилната лига на Словенија. Инаку, Вања Смиљаниќ е поранешен младински репрезентативец на Србија.