Со победата од 29:25 против Белорусија, репрезентацијата на Словенија дојде до два бода за вториот круг каде за противник ќе ја има и Македонија покрај домаќинот Египет и Шведска.
Словенците и Белорусите уште пред почетокот на средбата знаеја дека местото во следната рунда им е загарантирано и дека треба да одиграат само за пренесување на поени. Се надигруваа 60 минути и нијанси решаваа кој ќе дојде до победа.
Дури ниту предност од четири гола не гарантираше победа така што до крајот никој не можеше да биде сигурен дека ќе се радува.
Белорусите го диктираа темпото во првите 30 минути. Имаа постојано водство и лесно го зголемуваа истото. Имаа највисоки плус шест при 12:6 и се чинеше дека ја имаат контролата на оваа средба и одеа кон триумф. Сепак, овие шест гола не беа доволни бидејќи Словенците знаеја што сакаат. Од 6:12 стигнаа до 11:12 и се вратија во средбата за на одмор да заминат со нерешени 15:15.
Bо вторите 30 минути Словенците беа во постојана предност од еден до три гола. Белорусите се обидуваа да се вратат и секогаш кога Словенија ќе отидеше до четири гола се враќаа на два, но не можеа повеќе. При брзањето и грешеа, па тоа влијаеше и на конечниот епилог. И овозможија на Словенија да стигне до плус четири и да го заврши натпреварот со 29:25 и да пренесе два бода во следната рунда.