По одлично одиграната прва фаза, репрезентацијата на Словенија продолжува во ист стил на Европското првенсто во Австрија, Норвешка и Шведска. Избраниците на Љубомир Врањеш во Малме го победија Исланд со 30-27 на отворањето на групата 2 од главната рунда.
Словенците се одлепија уште по десетина минути, кога поведоа со 7-2. Но упорните „рибари“ малку по малку ја топеа разликата и по 20 одиграни минути беше 9-9. Се играше гол за гол во продолжение, но на пауза Словенија имаше предност, 15-14.
Стартот на вториот дел беше во ист стил, со додека словенечкиот голман Ферлин не почна да ги запира Смарасон и Палмарсон. Во нападот погодуваа Бомбач и Мачковшек, па Словенија имаше комотни 25-19 на десетина минути до крајот.
Немаа островјаните сила за камбек во натпреварот, иако намалија на три гола. Сепак Словенците рутински го одработија финишот и обезбедија победа што им носи големи шанси за полуфинале.
Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа Бомбач со девет, како и Доленец, Мачковшек и Благотиншек со по четири голови, додека кај Исланд, Елисон даде шест, а Кристјансон пет погодоци.