Репрезентацијата на Словенија фуриозно го отвори Светското првенство во Египет совладувајќи ја младата екипа на Кореја со високи 51:29. Словенците се први фаворити во групата Х и уште на стартот најавија борба за висок пласман на овој Мундијал.
Уште од самиот почеток на натпреварот очигледна беше разликата во квалитет и во ниту еден момент немаше неизвесност. Избраниците на Љубомир Врањеш од првата минута без милост го полнеа голот на Корејците. Блаж Јанц беше многу ефикасен во почетните минути и многу брзо беше 6:2 за Словенија, а потоа и 11:3.
Корејците немаа многу шанса за надигрување, секоја грешка во нападот беше казнета со брза контра и реализација. Смената на голманската позиција што ја направи селекторот на Кореја донесе резултат, нововлезениот голман успеа да го запре Јанц, но потоа на сцена стапи Драган Гајиќ кој продолжи да го полни голот на Кореја.
После 30 минути игра Словенија имаше водство 25:16. И во второто полувреме еден тим доминираше на теренот, а разликата постојано се зголемуваше, а на крајот достигна дури до 22 разлика за прва лесна победа на Словенија.
Убедливата победа против Кореја можеби не е вистински показател за формата на Словенија, но секако е најава за ново одлично големо натпреварување за нив. Сепак ретко се гледа на еден натпревар еден тим да постигне повеќе од 50 гола, особено на Светско првенство.
Најефикасен во репрезентацијата на Словенија бешеа Драган Гајиќ со 10 гола Блаж Јанц постигна девет, а официјалните лица на крај на дуелот имаа чудна одлука да го прогласат за играч на натпреварот Миха Зарабец кој постигна само еден гол. Во составот на Кореја со по шест гола најпрецизни беа Јаеху Ким и Јинхо Ким.