Репрезентативците на Словенија после поразот од Унгарија се вратија во потребниот ритам и денеска најдоа начин како да ја совладаат селекцијата на Португалија со 29:24. Оваа победа воедно даде нов чекор кон полуфиналето на Словенија, па сега ќе се очекува и помош од Шведска која од 20:30 часот игра против Унгарија во последниот натпревар.
Првото полувреме беше израмнето. Постојано имаше промени во водството, но ниту една селекција не успеа да направи поголема предност. Португалците беа нешто поконцентрирани во завршницата на нападите и успеаја на одмор и да заминат со еден погодок предност. На пауза имаа 15:14, но ова не даваше гаранција за мирно продолжение.
Почетокот на вториот дел од средбата најави многу подобар тек за Словенците. Тргнаа решително така што покажаа дека на овој дуел се решени за да дојдат до победа. Многу брзо почнаа да ја зголемуваат разликата и одеа цврсто во одбрана и многу посигурно во напад.
Ова отвори убав простор за мирна завршница, а на крајот беше дури и пет гола разлика што беше и повеќе од доволно за два бода кои ја оставаат Словенија за полуфинале. Она што е сигурно Словенците одат во Стокхолм, но останува утре да се види дали за полуфинале или за 5. место.
Денеска најефикасниот играч на Словенија беше Јанц со седум гола, додека Мацковшек и Доленец реализираа по шестпати. Во Португалија, Андре Гомеш постигна шест гола, додека четирипати прецизен беше Луис Фраде. Голманот на Словенија, Ферлин одбрани десет удари на Португалците, а 15 одбрани на Португалецот Кинтана не беа доволни за подобар резултат.