Словенија без пола ѕвезди на СП – нема да играат Зарабец, Маргуч, Скубе, Габер…

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Словенија, Урош Зорман го објави списокот на ракометари што ќе ги започнат подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.

Зорман за Мундијалот во јануари нема да може да смета на поголемиот дел од играчите кои беа носители во репрезентацијата.

Неколку искусни ракометари како Миха Зарабец, Гашпер Маргуч и Матеј Грабер го откажале настапот на големото натпреварување, бидеќи не биле спремни да издржат физички, но и психички, поради повреди. На списокот го нема ниту екс ракометарот на Вардар, Сташ Скубе, како и искусниот голман Урх Кастелиц, кој сѐ уште се опоравува од повредата.

Меѓу повиканите ракометари се најде голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак. Чуварот на мрежата на ,,фармацевтите” најверојатно ќе патува на Мундијалот и ќе биде прв голман, бидејќи за конкуренти меѓу стативите ги има Јоже Базник и Гал Габрешек.

,,Осум играчи ќе се приклучат на подготовките дури во јануари, поради тоа, зедовме повеќе играчи за подготовките во декември. Со овој поширок избор ќе можеме нормално да тренираме во декември и да се подготвуваме за натпреварите од Светското првенство. Секогаш велам дека играчот мора прво да биде искрен со себе, потоа со тимот. Габер и Маргуч го откажаа настапот во репрезентацијата поради здравствени проблеми. Разговаравме со Зарабец, неговата здравствена состојба е слична како на Маргуч и Габер. По разговорот решивме дека тој треба да го пропушти настапот на Мундијалот. Ако репрезентацијата имаше големи проблеми, Зарабец како и секогаш ќе беше подготвен да помогне максимално со своите квалитети” изјави Зорман.

Блаж Благотиншек, Деан Бомбач, Клемен Ферлин, Кристјан Хоржен, Блаж Јанц, Тилен Кодрин, Борут Мачковшек и Домен Новак се ракометарите кои ќе се придружат на подготовките пред стартот на Светското првенство.

Репрезентацијата на Словенија во вториот дел од подготовките ќе одигра два подготвителни натпревари против Унгарија.

Избраниците на Зорман на Светското првенство во групната фаза ќе играат против селекциите на Полска, Франција и Саудиска Арабија.