Ракометарот од Словенија кој некогаш беше голем талент и играч со огромна перспектива, Грегор Оцвирк го напушта тимот на Кристијанштад и во новата сезона ќе има нов клуб.
После две години во клубот од Шведска тој одлучи да си замине од него, но засега не е познато кој ќе биде тимот во кој ќе ја продолжи кариерата.
„По долги преговори дојдовме до заклучок дека е најдобро играчот да го напушти Кристијанштад. Последните месеци има доста голем интерес за него од други клубови. Оцвирк е играч со голем потенцијал. Секој ден го гледавме на тренинг и знаеме за што е способен“, вели спортскиот директор на Кристијанштад, Јеспер Ларсон.
Оцвирк својата кариера ја почна во редовите на Целје. Како позајмен играше во Словен градец, Ормож и Марибор, а потоа беше дел од Вардар, Ормож и Кристијанштад.