Десниот бек на египетската репрезентација и на Веспрем, Омар Јахија, ќе има голема конкуренција во втората сезона во унгарскиот гигант.
Дојде Хорхе Македа, од повреда се опорави Кент Робин Тонесен, па Дејвис веројатно на секој натпревар ќе мора еден од нив да го изостава од ростерот.
Јахија вели дека следната сезона ќе биде пресудна за тоа во кој правец ќе се движи неговата кариера.
„За мене ова беше успешна сезона. Имав една непријатна повреда, но тоа е зад мене. Лигата на шампионите е најсилното натпреварување во светот. Ми се допаѓа тоа што секоја седмица мора да покажуваш високо ниво на игра, а не само на еден или два меча. Константниот притисок може да донесе само максимум од сите играчи на теренот. Следната сезона ќе биде пресудна за мојата кариера. Не сакам да останам само талентиран играчи, сакам да се развивам на највисоко ниво, а Веспрем ми ги нуди сите услови за ова“, вели Јахија за „Немзети Спорт“.
Веспрем во новата сезона ќе игра на три фронта – во Лигата на шампионите, во домашното првенство и во СЕХА лигата.