Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет им се врати на победите во Женската лига, откако денес пред својата публика триумфираше против Астибо, со резултат 23:16, во натпревар од 11. коло од групата Б и обезбеди пласман во плеј-оф фазата, бидејќи сега има 18 бода на свое конто и на три кола пред крајот од регуларниот дел има девет бода повеќе од петтопласираниот Астибо.
На овој натпревар судиите Марко Огњановски и Дамјан Савиќ покажаа 19 исклучувања, од кои 11 за домашниот табор и осум за гостинскиот состав од Штип. Домаќинките заработија и три црвени картони, но и покрај малата ротација, сепак, успеаја да бидат доминантни против составот на Астибо, кој немаше доволни сили за изненадување.
Избраничките на Бетувски во воведниот дел поведоа со 3:0, потоа имаа предност од ,,плус четири” 6:2 и до крајот на првото полувреме беа по конкретни во однос на ривалот. Домашниот тим ги казнуваше грешките на противникот, со неколку добри серии дојде и до 11:4 и на полувреме замина со предност од шест гола позитива, 11:5. Пред финишот на првиот дел црвен картон заработи Елена Вучевска поради груб старт на еден од противничките, но тоа не се одрази негативно во домашниот табор.
Продолжението беше само формалност и при водство на домаќинките од 17:10 беше јасно каков натпревар ќе се гледа до крај. Поради три исклучувања, двете ракометарки на Овче Поле Славјански Универзитет, Јована Конева и Јована Ангеловска во 56, односно 59 минута заработија црвен картон.
Најефикасни во составот на Овче Поле Славјански Универзитет беа Наталија Манева со шест и Јована Конева со пет погодоци. Кај Астибо листата на стрелци беше предводена од Марија Анчева со седум гола.
Овче Поле Славјански Универзитет во следното коло ќе игра против Деспина, додека Астибо против Металург.