Иако утре почнува првиот турнир „Крсто Андоновски – Усташ“ во Охрид, домаќините веќе размислуваат таа традиција да продолжи, и да биде уште посилен турнирот в година, со осум екипи, многу поквалиттени од сега. Но, најважно е да почне, да се одржи и Охрид да покаже дека сезонава се засили со играчи кои можат и треба да им донесат место на табелата што ќе носи излез во европските купови.
Во клубот се врати охридскиот тренер, Горан Андоновски, а тимот претрпе најмногу промени од сите македонски суперлигаши. Дојдоа голем број на домашни ракометари, а тимот е потполнат со уште неколку квалитетни засилувања од странство.
Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, во разговор за 24Ракомет, ги сподели очекувања од новиот тим, истакнувајќи дека екипата, која е во завршна фаза од подготвителниот период, напорно работи за остварување на целите за новата сезона. Пласман во еврoпските купови, но и да има сезона во која повеќе шанса ќе им се дава на ракометарите од младинските категории.
Меѓу новите играчи на Охрид кои сега се дел од сениорскиот тим се и младите таленти, Никола Шипинкоски, Никола Ристески и Владимир Наумоски, кои настапуваа за подмладокот на Охрид. Сите тројца ракометари во новата сезона ќе имаат шанса да ги покажат своите квалитети во македонската елита.
,,Првата цел како ново раководство ни беше нашите охриѓани да ги задржиме во клубот, да им дадеме шанса на нашите млади ракометари, кои што имаа одлични настапи во младинските категории и да потпишеме со нив професионални договори. Во иднина ќе продолжиме со тој интензитет во младинските категории, барем еден до двајца ракометари да имаат шанса да играат во сениорскиот тим. Наша цел во тие младински категории (пионери, кадети и младинци) е да добиеме неколку ракометари, за да можеме во иднина да сметаме на нив и да не мора да носиме ракометари од странство”, изјави Ристески.
Охрид пред извесен период одигра контролни натпревари, против Еурофарм Пелистер 2 и со Голден Арт. На пријателските натпревари се проверуваше формата на секој ракометар за новата сезона, во која тимот ќе се бори да оствари добар резултат. Засега резултатот е во втор план, но почетокот на сезоната е бликсу и треба сите коцки во мозаикот брзо да се вклопат. Според Ристески, најважно е во тимот да има хармонија, а резултатите ќе си дојдат сами по себе.
,,Со големата поддршка, која што ја добивме од градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, формиравме тим за излез на европска сцена. Доколку оваа сезона не ја оствариме таа цел за Европа, ќе мора да ја оствариме во следната, тоа е една од целите на клубот. Ние работиме целта да се оствари оваа сезона. Работиме пред сѐ на дисциплина во клубот, атмосферата е на високо ниво, а резултатите ќе си дојдат сами по себе”.
Ристески истакна дека при формирањето на тимот, биле во преговори со неколку играчи од македонските суперлигаши, но немало успех бидејќи сумите кои ги барале играчите биле енормно високи.
,,Пред стартот на новата сезона бевме во преговори со минимум десетина играчи од Македонија, играчи, кои што немаат главни улоги во своите клубови. Можам да кажам дека за тие средства кои беа понудени за нив, мислам дека во моментов можеш да купиш готов производ од странство, отколку македонски играчи. Јас, не знам која е поентата на оние играчи кои што ‘греат клупа’ во поквалитетните клубови, а земаат пари..Според мене тие играчи не напредуваат, а доколку дојдоа во Охрид, Бутел , или некој сличен клуб ќе експлодираа на терен и побрзо ќе имаа шанса за репрезентација, отколку да се дел од екипите на Вардар или Еурофарм Пелистер, бидејќи во овие два клубови имаме по минимум осум странци кои сѐ на далеку поквалитетно ниво од нив”.
Охрид оваа година ќе го организира првото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, со учество на четири екипи. Покрај домаќинот, ќе играат уште Пролет, Тиквеш и Партизан од Србија.
,,Иако се само четири екипи, сепак турнирот е добар, бидејќи сите четири екипи се квалитетни. За второто издание на овој турнир размислуваме да го направиме со поголем формат, односно со осум екипи и мислам дека програмата за другата година ќе биде спремна и готова до крајот на 2022 година, со цел странските екипи да можат да си го пополнат распоредот однапред за следната година”.
Охрид веќе го години соработува со унгарскиот гигант Веспрем, а кон средината на месец јули оваа година, директорот на Веспрем, Золтан Чик, еден од главните спонзори на тимот Силард Шмит и Ервин Сел беа на прием кај градоначалникот Кирил Пецаков.
,,Првите контакти со Веспрем беа напревени уште поодамна кога сегашниот градоначалник на Охрид кој во минатато беше советник во градскиот совет на Охрид, своите почетоци на меѓународна соработка ги направи во Веспрем и потоа продолжија контактите за соработка меѓу двата клуба. Според мене, Веспрем го има одбрано Охрид, пред сѐ заради убавина и секако, најголем виновник за оваа соработка е градоначалникот. На негова покана, во текот на месец јули, дел од раководните лица на Веспрем беа гости во Охрид”, заврши Ристески.
Од утре до четврток во Охрид ќе се одржи првиот турнир „Крсто Андоновски – Усташ“ каде домашните навивачи ќе можат да ја видат и вистинската сила на нивните миленици. Мечевите се играат во салата „Билјанини Извори“.