Хрватскиот првак Загреб од денеска има нов тренер, а тоа е Славко Голужа, кој ќе ги води „плинарите“ до крајот на оваа сезона.
Ова за Голужа е камбек во редовите на Загреб, откако претходно на два пати седеше на жешката клупа.
Тој е замена за некогашниот македонски селектор Ивица Обрван, кој доби отказ по лошиот старт на тимот во Лигата на шампионите.
„За почеток се надевам на позитивен ефект. Ќе се обидеме да воведеме некои мали промени за овој краток период до крајот на годината. Ситуацијата не е лесна, но со тоа и мотивот е поголем“, вели Голужа.
Дебито на клупата на Загреб, Голужа ќе го има на гостувањето кај унгарскиот гигант Веспрем, клубот каде што мина дел од играчката кариера.