Поранешниот ракометар на Вардар, Сташ Скубе во јануари ќе биде дел од селекцијата на Словенија, а ова станува сè поизвесно откако почна да ја добива довербата од страна на селекторот Љубомир Врањеш.
Скубе игра во Мешков Брест, а веќе има договорен трансфер за следната сезона во редовите на Келце така што може да се посвети добро на репрезентативните обврски. Организаторот на играта е добро запознаен со ривалите така што знае што може да се очекува на првенството во јануари.
„Оптимисти сме за Европското првенство. Имаме добар тим и сè е можно. Сигурен сум дека ќе има многу изненадувања на првенството. Секоја репрезентации знае да игра ракомет, а веќе ги нема големите разлики кои што беа пред 10-15 години. Затоа мораме на ист начин да ги почитуваме репрезентациите на Македонија, Црна Гора и Данска. Ние припаѓаме на поширок круг на фаворити и се надевам дека ќе ја имаме среќата за сојузник така што би можеле да дојдеме до добар резултат“, вели Скубе за delo.si.
Македонија ќе игра против Словенија во 3. коло, а натпреварот е на програмата на 17 јануари. Средбата се игра во Дебрецен.