Ракометарите на Вардар ги чека првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против унгарскиот ПИК Сегед. По загубениот домашен дуел со Монпелје, Вардар падна на шестото место во групата Б и ќе мора по потежок пат до четвртфинале.
„Мислам дека оваа сезона е најтурбулентната во историјата на клубот. Почнавме одлично со три победи и потоа многу нешта се случија – промена на тренери, финансиски проблеми и заминувања на играчи, па ние сите тоа го почувствувавме. Ако ги земеме во предвид сите овие фактори, овој резултат е реален“, вели плејмејкерот Сташ Скубе.
Словенецот има пофални зборови за тренерот Алушовски.
„Стевче е одлична личност и тренер, и секогаш се труди да го извади максимумот од сите нас. Секој ден се труди да не мотивира колку што може“, продолжува Скубе.
Средниот бек смета дека треба да бидеме реални и да не очекуваме ново чудо како лани.
„Мораме да бидеме реални. Тимот што лани стигна до титулата не може да се споредува со овој сега, па не можеме да очекуваме повторување на ланското сцнеарио. Но, ако немавме срце и карактер, немаше да бидеме шампиони лани и клубот немаше да постои. Ситуацијата е навистина тешка, но ние даваме 200% од себе, така ќе биде до крајот на сезоната и нема да плачеме поради проблемите со кои се соочуваме. Верувам дека ова ќе заврши во позитивна насока“, заврши Скубе.
Пред дуелите со ПИК Сегед во ЛШ, Вардар ќе се соочи со Нексе во четвртфиналето од СЕХА лига.