Сташ Скубе повторно е во репрезентацијата на Словенија за претстојоното Светско првенство во Египет, тој се најде на списокот од 21 ракометар кој го објави селекторот Љубомир Врањеш.
После фантастичната сезона со Вардар, Скубе одлучи да замине во шампионот на Белорусија, Мешков Брест. Со Брест имаат одлична сезона во Лигата на шампионите каде што успеаја да ги победат ПСЖ и ПИК Сегед.
„Сезонава засега е многу успешна, без пораз сме во домашното првенство каде што немаме некоја голема конкуренција и однапред се знае дека ќе бидеме шампиони. Играме добро и во Лигата на шампионите, ги победивме ПСЖ и ПИК Сегед, а одиграмве нерешено со Фленсбург. Овие освоени бодови се помалку неочекувани, не се надеваме дека ќе останеме на третото место, но сигурно сакаме да обезбедиме пласман во нокаут фазата. Со сите можеме да се надигруваме особено на домашен терен. Најпрво не бев сигурен дека изборот е вистински, но многу брзо сфатив дека не сум направил грешка. Семејството е среќно, имаме добар тим и играме над очекувањата во Лигата на шампионите“, рече Скубе за rtvslo.si.
Репрезентацијата на Словенија има многу квалитетен состав и сигурно е еден од кандидатите за највисок пласман на Светското првенство. Конкуренцијата во тимот е многу голема, особено на позицијата среден бек каде што игра Сташ Скубе. Покрај него во репрезетантацијата на истата позиција се уште и Деан Бобмач, Домен Макуц, Миха Зарабец и Рок Овничек. Според Скубе во секој случај поголема конкуренција е подобро за репрезентацијата.
„Според мене, Словенија има најквалитетни средни бекови во светот. Во составот сега сме пет, но сигурно има уште неколку кои можат да се најдат на списокот. Конкуренцијата е добредојдена бидејќи ве принудува да го дадете најдоброто од себе. Освен тоа имаме ширина и квалитет во тимот што сигурно ќе ни биде добредојдено за густиот распоред на светското првенство. Селекторот најави дека ќе проба да играме со двајца средни бекови во напад и затоа сме повеќе на таа позиција. Словенија спаѓа во проширениот светски ракометен врв, можеби во најдобрите шест или седум репрезентации. Со право на секое првенство се стремиме кон полуфиналето но секогаш има изненадувања и затоа мораме да бидеме внимателни особено на натпреварите каде што сме фаворити“, вели Скубе.
Словенија на Мундијалот во Египет ќе игра во групата Х, а противници ќе им бидат репрезентациите на Русија, Белорусија и Јужна Кореја.