Ракометарите на Скопје без поголеми проблеми остварија победа на гостувањето кај Куманово со 23-28.
По почетните 3-3, избраниците на Андријана Будимир полека но сигурно, ја преземаа контролата на резултатот и на теренот, иако немаа висока предност. На пауза се замина со 11-13.
Во поголемиот дел од второто полувреме имаше слична игра како во првото, но секогаш кога Куманово ќе намалеше на минус два, Скопје повторно се одлепуваше и не му даде шанса на домаќинот за камбек во мечот.
На крајот гостите прославија и убедлив триумф со 23-28, со кој остануваат во трка по првото место на табелата и директен пласман во Суперлигата следната сезона. Скопје и Шампион сега имаат по 30 бода и се наоѓаат на првите две места.
Најдобар стрелец кај Скопје беше Бојан Чакалиќ со шест гола, а четворица ракометари дадоа по пет погодоци – Мишевски, Пешевски, Димчевски и Киселовски, додека кај Куманово се истакна Андреј Миладиновски со осум гола.