Откако беше решено тренерското прашање во составот на Скопје и доаѓањето на Горан Кузманоски, раководството на суперлигашот се активираше на трансфер пазарот и веќе го договори првото засилување.
Станува збор за поранешниот младински репрезентативец на Србија, Никола Радовановиќ (24/193/105). Чуварот на мрежата доаѓа од екипата на Рудар Костолац, со која играше во плеј-офот на српскиот шампионат минатата сезона.
Радовановиќ потекнува од Динамо Панчево, каде што играше четири сезони, пред да се пресели во Рудар Костолац, чиј гол го бранеше во последните две сезони. Скопје ќе биде прв интернационален предизвик за 24-годишниот голман.
Скопје преку бараж натпревар и триумфот над Аеродром го обезбеди учеството во Суперлигата претстојната сезона. Тимот на Кузманоски ќе игра во групата Б заедно со екипите на Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Пролет, Радовиш, Голден Арт и Јуниор КВ.