Ракометарите на Скопје ја остварија втората победа во сезоната откако во 15. коло на гостувањето кај Прилеп во израмнет и неизвесен натпревар до самиот крај славеа победа со 26:27.
Воведните минути се играше гол за гол до резултат 3:3, следуваше подобар период на гостите и водство од 3:6. Во продолжението Прилеп се обидуваше да остане во игра и да не дозволи противникот да се одлепи на недостижна предност.
Реваз Чантурија беше расположен за игра и со своите погодоци го одржуваше Прилеп на минус еден или два. До крајот на првиот дел Скопје успеа да се одржи во позитива и на паузата да замине со минимална преднсот од 14:15.
Вториот дел беше максимално неизвесен, во текот на сите 30 минути беше израмнето. Водството на едната или другата страна постојано беше еден гол, а победникот се одлучуваше во последните моменти од дуелот.
Скопје поведе со 25:26 во последната минута, а потоа Чантурија од седмерец донесе израмнување на дваесет секунди до крај. Во последниот напад со голот на Велимир Грујовски екипата на Скопје стигна до трите бода.